[ВИДЕО] Некогаш најубавата работничка населба во Југославија се наоѓа на половина час возење од центарот на Белград: Тито тукa ги носел светските лидери, а денес изгледа вака

Точка

09/09/2025

17:26

1.321

Големина на фонт

а а а

Само 18 километри од центарот на Белград, Глогоњски Рит некогаш бил симбол на напредок, социјалистички оптимизам и Титова визија за модерна работничка населба. Денес, сепак, малку што потсетува на златните години на ова место.

Видеото кое неодамна било објавено на профилот „Moto BG Borča“ прикажува возење низ Глогоњски Рит, но само ретки можат да ги поврзат овие улици и фасади со некогашниот сјај на овој крај. Сместен 18 километри од центарот на Белград, во рамките на општината Палилула, тој по Втората светска војна важел за едно од најубавите работнички населби во цела Југославија.


Глогоњски Рит – бисер на југословенскиот урбанизам

Глогоњски Рит заземал посебно место меѓу работничките населби на поранешна Југославија – и тоа не само поради својата функционалност, туку и поради политичката симболика што ја носел. Изграден веднаш по Втората светска војна, заедно со основањето на Земјоделско-индустрискиот комбинат Белград (ПКБ) во 1945 година, Глогоњски Рит бил повеќе од населба – бил симбол на обнова и станал дом за луѓе кои доаѓале од сите краеви на земјата во потрага по работа.

На просторот на некогашното мочуриште Панчевски Рит, работниците заедно со инженерите исушиле огромна површина и ја претвориле во плодна почва. Прво живееле во бараки, а потоа биле изградени модерни станбени згради, прилагодени на потребите на работничките семејства.

Тито и светските лидери – во Глогоњски Рит

Јосип Броз Тито, наводно, бил особено горд на оваа населба и често ја прикажувал како пример за успехот на југословенскиот социјалистички систем.

За време на посетите на високи светски делегации, токму Глогоњски Рит бил една од задолжителните станици, така што низ него, меѓу другите, поминале и Гамал Абдел Насер (Египет), царот Хајле Селасије (Етиопија)…


Црква за шест лица – симбол на духовност во индустрискиот пејзаж

Еден од највпечатливите симболи на населбата е Црквата Воздвижение на Чесниот Крст, позната и како „Тозина црква“. Оваа минијатурна светиња, во која можат да влезат само пет до шест лица, била издигната во 1991 година благодарение на Светозар Марковиќ Тоза, тогашниот директор на ПКБ.

Интересно е што и самиот патријарх Павле, иако тогаш бил на рехабилитација во Врњачка Бања, лично дошол да ја освети црквата – и останал на ручек со мештаните.


Од културен центар до заборав

Во времето на најголем просперитет, Глогоњски Рит имал сè – училиште, амбуланта, Дом на културата со претстави, концерти и кино проекции, како и Титов парк, зеленило и уредени јавни површини.

Денес, многу од тие простори се запуштени. Домот на културата не функционира, паркот е обраснат со плевел, а инфраструктурата чека обнова. Сепак, изгледа дека духот на заедништво сè уште живее меѓу староседелците.

Што нè очекува: Нов мост, кружен тек?

Некогаш гордост на Југославија, Глогоњски Рит денес е заборавена населба, но со голем потенцијал. „City magazine“ потсетува дека Градот Белград го усвоил генералниот регулационен план за општината Палилула, кој вклучува изградба на кружен тек на Зрењанискиот пат, реконструкција на улиците и комуналната инфраструктура, уредени зелени површини, но најважно – нов мост преку Дунав, трети по ред, кој би го поврзал левиот и десниот брег на Белград и значително би го олеснил животот на жителите на Глогњски Рит.