Нема казни за институциите кои до 29 септември нема да стават црвени таблички на службените возила, ќе го направат тоа при регистрација

Макфакс

09/09/2025

13:54

130

Големина на фонт

а а а

Институциите кои до 29 септември нема да ги сменат табличките на службените возила за да се спречат приватни и партиски злоупотреби нема да добијат казни. Ова го потврди директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на денешната промоција на црвените таблички кој кажа дека правилникот не предвидува казни за доцнење и непостапување по дадените насоки.

Првичниот повик за смена на табличките беше поставен со рок до 15 септември, но денес Томовски упати втор повик, со кој рокот се продолжува до 29 септември, односно до почетокот на кампањата за локалните избори. Како трет можен рок, тој посочи дека институциите ќе имаат можност да ги сменат табличките до крајот на годината, заклучно со 31 декември, кога Министерството за внатрешни работи треба да го финализира регистарот на службени возила.

„Доколку некој проба да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот на регистрација, секако ќе ги добие овие таблици“, рече директорот Томовски.

Според владината одлука донесена на 29 јули, сите возила во државна сопственост — вклучувајќи ги владините, општинските и возилата на јавните претпријатија — ќе добијат црвени таблички со жолти букви и бројки, како ознака за нивната службена намена. Од друга страна, жолти таблички со црвени ознаки ќе добијат возилата што се користат за специјални намени, како што се дел од возниот парк на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Министерството за внатрешни работи (МВР).

Целта на оваа мерка е да се зголеми транспарентноста и јавната отчетност, а новите таблички ќе содржат и ознака NMK на сина лента, со што ќе бидат лесно препознатливи.

Според проценките, државата располага со меѓу 7.000 и 7.500 службени возила, но точната бројка сè уште не е позната. Министерството за внатрешни работи има обврска да изработи централен регистар до 31 декември, со цел да се добие прецизна слика за државниот возен парк.