Апел од Стопанската комора по големиот пожар во Виница: Поддршката на Макпрогрес е поддршка за македонската економија

Макфакс

09/09/2025

08:15

230

Големина на фонт

а а а

В петок, 12 септември 2025 година, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес Виница, креатор на серија докажани и потврдено квалитетни брендови (Винчини, Сончева Долина, Натура, Дониа, Фантазиа) како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни ланци на маркети во Македонија.

Идејата на ваквата заедничка обединета бизнис активност во организација на Комората, е во насока на поддршка на Макпрогрес по пожарот кој сериозно уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката, а имајќи ја во предвид неговата извозна веќе докажана афирмација.

Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на Макпрогрес според проекциите на менџаментот на Макпрогрес, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.

Концептот за идното работење на Макпрогрес, но и случувањата во саботата во фабриката, првиот човек на Макпрогрес, Глигор Цветанов лично ќе им го соопшти на присутните на состанокот во Комората во петок.

„Паралелно ако се следат масовните објави и повиците на социјалните мрежи за поддршка на Макпрогрес и иницијативите за акции на купување на нивните производи од различни индивидуалци, инфлуенсери, истакнати личности, за само два дена од случувањето на немилиот настан (пожарот што се случи во фабриката), може да се констатира дека станува збор за исклучително невообичаен настан, односно креирање таков позитивен амбиент во јавноста, што само ја потврдува големината и квалитетот на Макпрогрес како домашен македонски бренд за што менаџментот на компанијата изразува голема благодарност до сите оние кои деновиве несебично иницираат и даваат идеи за поддршка“, велат од Стопанската комора.

И како што вели првиот човек на Макпрогрес Глигор Цветанов, „солидарноста која ја видовме деновиве, уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко“.