Премиерот Христијан Мицкоски денеска преку објава на „Фејсбук“ порача дека најновите податоци ја потврдуваат економската стабилизација и растот кој, според него, е резултат на одговорни владини политики.
„Ја стабилизираме економијата, создаваме услови за економија која оди напред, граѓаните имаат повеќе работа, а трговската размена е во пораст“, напиша Мицкоски.
Тој посочи дека стапката на невработеност е намалена на 11,5 проценти, што претставува пад од еден процент во однос на истиот квартал минатата година.
Најновите податоци го потврдуваат она за кое се залагаме – ја стабализираме економијата, создаваме услови за економија...
Posted by Hristijan Mickoski on Saturday, September 6, 2025
„Во споредба со вториот квартал од 2024 година, денес имаме околу 10.000 нови вработени и над 7.000 помалку невработени. Тоа се илјадници семејства со поголема сигурност и иднина“, нагласи премиерот.
Мицкоски се осврна и на трговската размена, посочувајќи дека во јули извозот пораснал за 4,69 проценти, а увозот за 4,35 проценти.
„Во периодот јануари–јули, извозот е зголемен за 5,41 проценти, а увозот за 4,83 проценти. Вкупната трговска размена во првите седум месеци е поголема за 5,07 проценти во однос на истиот период лани“, додаде тој.
„Ова се реални резултати од одговорни политики. Додека опозицијата шири црнила и се надева на неуспех, ние испорачуваме резултати. Додека тие блокираат и кочат, ние градиме и носиме подобар стандард за секое семејство. Македонија оди напред, со повеќе работни места, посилен извоз и стабилна економија. Ова е времето на работа, резултати и развој“, порача премиерот во својата објава.












