Аргентинските власти пронашле слика од 18 век од италијански мајстор, што нацистите ја украле од еврејски трговец со уметнички дела во Амстердам пред 80 години, една недела откако холандски новинари ја забележале во видео оглас за продажба на недвижнини.
Портретот на дама од италијанскиот сликар Џузепе Гисланди, украден за време на Втората светска војна, на аргентинските власти им го предала Патриција, ќерката на покојниот нацистички финансиер Фридрих Кадгин, која веќе два дена е во домашен притвор со својот сопруг, објави Гардијан.
Обвинителите изјавија дека двојката се обидела да ја скрие украдената слика, а двајцата ќе се соочат со обвиненија за прикривање и попречување на правдата.
Холандскиот весник „AD“ ја пронајде сликата по долгогодишна истрага која доби пресврт минатата недела кога еден од неговите новинари пронашол оглас за продажба на куќата на Кадгин во аргентинското одморалиште Мар дел Плата.
На фотографијата од дневната соба, на ѕидот може да се види украдената слика, последен пат видена во 1946 година, а му припаѓала на холандскиот Евреин и трговец со уметнички дела Жак Гудстикер.
Холандскиот весник објави сторија за нејзиното откривање на 25 август, а следниот ден аргентинскиот федерален обвинител Карлос Мартинез наредил претрес на имотот, но сликата повеќе не била таму.
Полицијата запленила два пиштоли без дозвола и два мобилни телефони, а федерален суд им одредил 72-часовен домашен притвор на Кадгин и нејзиниот сопруг.
Инаку Фридрих Кадгин бил еден од неколкуте високи нацистички функционери кои избегале во Јужна Америка по падот на Третиот рајх. Во 1946 година од Холандија тој најпрво избегал во Швајцарија, потоа во Бразил и конечно во Аргентина, каде што добил ќерки.
Се верува дека сликата останала во сопственост на семејството по неговата смрт во Буенос Аирес во 1978 година. Портретот е едно од повеќе од 1.000 уметнички дела кои нацистите ги украле од Гудстикер, а неговите наследници планираат да бараат враќање на сликата.