Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, денес одржа прес-конференција на која ја критикуваше работата на ВМРО ДПМНЕ и сегашната градоначалничка Данела Арсовска во врска со еколошкиот проблем на Вардариште.
„Доста беше бегање од одговорност. Доста беше глумење на ВМРО ДПМНЕ за да ја покријат сопствената нестручност и да ја лажат јавноста дека градоначалниците немаат надлежност за екоцитот Вардариште. Законот е јасен – отпадот е локална надлежност! ВМРО ДПМНЕ четири години ја игнорираа својата обврска да го решат овој проблем,“ рече Шукова.
Таа потенцира дека според законот, градоначалниците се директно одговорни за управување со комуналниот и комерцијалниот отпад, јавната чистота, донесување мерки за селекција и транспорт на отпадот, реализација на проекти за подобрување на состојбата со отпадот, како и за соработка со други општини и Градот Скопје.
„Орце Ѓоргиевски и ВМРО ДПМНЕ или го немаат прочитано законот за управување со отпад, или свесно го игнорираат за да ја префрлат вината кога јас бев министер за животна средина. Тоа само зборува колку Ѓоргиевски е неук, а сака да раководи со Скопје,“ рече Шукова.
Таа оцени дека Вардариште денес изгледа како „црна еколошка дупка“ и дека наместо претоварна станица, таму има отворена депонија со чести пожари, што е резултат на „неработата на градот, односно на неспособноста на ВМРО ДПМНЕ и нивната Данела Арсовска“.
Шукова истакна дека таа и СДСМ знаат како да го решат проблемот: „Итно оградување и 24-часовен надзор на Вардариште, со расчистување и забрана за пристап. Потоа следи изградба на затворена, еколошка претоварна станица со систем за селекција, контрола и транспарентност. Вардариште ќе стане функционална, безбедна локација – а не еко-бомба под прозорите на скопјани.“
Таа го повика Орце Ѓоргиевски на јавен дуел пред граѓаните: „Нека ги донесе сите негови ‘аргументи’ дека од Вардариште ќе направи парк. Јас ќе ги донесам фактите, законите и резултатите. Граѓаните ќе судат кој има решение, а кој има само празни ветувања и пропаганда.“