Таксистите добиваат 200 електрични возила, Меџити го претстави проектот кој ќе го чисти воздухот

Макфакс

06/09/2025

19:11

388

Големина на фонт

а а а

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес на работен состанок со Унијата за здруженија на таксисти го претстави проектот за субвенционирање на првите 200 електрични возила за таксисти, како дел од напорите на министерството за почист, потивок и поефикасен урбан транспорт за граѓаните на Скопје и целата држава.

„Овој проект претставува конкретен и значаен чекор кон трансформација на урбаниот транспорт и е дел од стратегијата за борба против загадувањето на воздухот и подобрување на квалитетот на урбаниот живот“, истакна Меџити.

„Возилото што денес го претставуваме е електрично, со високи еколошки стандарди, без штетни емисии, без бучава и со висока енергетска ефикасност“, додаде тој, нагласувајќи дека овие возила во неколку фази ќе ги заменат постојните кои користат дизел, бензин или гас – носејќи значителни придобивки за граѓаните, таксистите и животната средина.

Меџити информираше дека просечната цена на едно електрично возило е 28.000 евра, а Министерството ќе субвенционира 15% од сумата, односно околу 840.000 евра за првите 200 возила.

„Според еколошките експерти, замената на овие возила ќе резултира со намалување од над 2.700 тони CO₂ годишно, што е еквивалентно на садење на повеќе од 120.000 садници. Дополнително, ќе има значително намалување на урбаната бучава, особено во густо населени зони“, нагласи Меџити.

Тој додаде дека Министерството веќе ја иницирало програмата „Car Sharing“ со првите 100 електрични возила за јавна употреба, како и воведување на електрични тротинети и велосипеди во неколку градови.

„Во соработка со Европската Унија преку програмата ‘EU for Clean Air’, реализирана е донација од 6 електрични автобуси за Град Скопје, се зголемени капацитетите за мониторинг на квалитетот на воздухот и се засадени десетици илјади садници низ целата земја“, заклучи Меџити.