Најголемата санта мраз на светот, позната како А23, рапидно се распаѓа на неколку огромни делови, потврдиле научниците од Британското антарктичко истражување, пренесува „CNN“.
Оваа санта мраз која некогаш тежела билион метрички тони и се простирала на површина од 3.672 километри квадратни, научниците внимателно ја следат од 1986 година кога се одвоила од антарктичкиот леден покривач Filchner-Ronne.
Од 80-тите години, А23 повеќе пати ја носела титулата најголема санта мраз на светот, иако повремено ја надминувале други, краткотрајни санти, како А68 од 2017 и А76 од 2021 година.
Распаѓање на мразот
Ендру Мејерс, океанограф од BAS за „CNN“ потврдил: „Ледениот брег рапидно се распаѓа и отпушта многу големи парчиња кои Американскиот национален центар за мраз ги следи“.
Според неговите зборови, мега-сантата сега се намалила за 1.700 километри квадратни, што одговара на површината на поширок Лондон. Експертите наведуваат дека топлата вода и доаѓањето на пролетта на јужната хемисфера значат дека сантата веројатно забрзано ќе се распадне на помали делови.
Патување долго три децении
Откако се одвоила, А23 поминала повеќе од 30 години насукана на дното од Веделовото море додека не се намалила доволно за да се ослободи. Во 2020 година ја однеле океанските струи, но повторно се заглавила во декември минатата година. Кога во март годинава се насукала на континенталниот праг, конечно во мај повторно испливала.
Мајерс објаснува дека сантата мраз ја следела моќна струја позната како Јужна антарктичка циркумполарна струја и се движела околу Јужна Џорџија.
„Оваа млазна струја веројатно на крај ќе ја однесе сантата мраз и нејзините делови кон североисток“, рекол тој.
Тој додал дека А23 ја следи слична судбина како и другите големи санти, А68 и А76 кои исто така се распаднале во близина на Јужна Џорџија,.
Последица на климатските промени
Мајерс вели дека одделувањето на сантата е природен процес и дека научниците немаат доволно податоци за мега-сантите за со сигурност да потврдат дали нивната зачестеност се зголемува поради глобалното загревање.
Сепак, она што е сигурно е дека ледените плочи изгубиле билиони тони мраз во последните децении поради зголеменото топење и создавање санти, што во голема мера е последица на загревањето на океаните.