Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека не ја исклучува можноста за средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски и предложи средбата да се одржи во Москва.
„Ако Зеленски е подготвен за состанок, нека дојде во Москва“, рече Путин, додавајќи дека „има светлина на крајот од тунелот“, пренесува РИА Новости.
Тој рече дека ако преовлада здравиот разум, тогаш може да се постигне договор за тоа како да се заврши војната во Украина на задоволителен начин.
„Во спротивен случај, ќе мора да решиме сè со воени средства“, рече Путин и додаде дека го информирал американскиот претседател Доналд Трамп дека сака да се сретне со Зеленски.
Тој рече дека е можно да се постигне прифатлива опција за завршување на војната, додавајќи дека сите обиди на Русија мирно да го реши украинското прашање се осуетени, според медиумот.
Путин истакна дека ја гледа искрената желба на администрацијата на Трамп да го реши украинскиот конфликт и го нарече Зеленски „вршител на должноста шеф на администрацијата на Украина“.
Сумирајќи ја својата посета на Кина, каде што присуствуваше на воена парада по повод Денот на победата во Втората светска војна, Путин рече дека посетата била многу позитивна и оцени дека Кина останува двигател на глобалната економија. „Во оваа смисла, особено би ја нагласил кинеската иницијатива за глобално управување. Ми се чини дека ова е многу навремено и, што е важно, оваа иницијатива е насочена кон позитивна соработка меѓу оние земји што се собраа на самитот во Кина и нашите потенцијални партнери меѓу земјите што во моментов не сакаат да го прогласат ова партнерство“, рече Путин, додавајќи дека потребата за енергетски ресурси расте, вклучително и во кинеската економија.
Зборувајќи за принципот на мултиполарност, Путин рече дека тоа не значи дека во светот се појавуваат нови хегемони, туку дека сите земји треба да имаат еднакви права.
Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека, доколку е потребно, Русија е подготвена да го „подигне нивото“ на преговарачите во разговорите со Украина.
Путин не даде повеќе детали, но истакна дека е задоволен од работата на преговарачите и шефот на руската делегација, Владимир Медински, пренесува Ројтерс.
Зборувајќи за Трамп, Путин додаде дека нема подготовки за посетата на Трамп на Москва, ниту пак е познат датумот на таков настан, пренесува Танјуг.