Три лета на авио-компанијата „JAL“, од Хаваи до Јапонија, беа одложени – два од нив дури за 18 часа – откако беше утврдено дека пилот консумирал алкохол, соопшти денес компанијата.
Капетан на познатата јапонска авио-компанија „JAL“, кој требало да управува со авион на линијата од Хонолулу до Меѓународниот аеродром Чубу Сентрер во централна Јапонија, на денот на летот пријавил дека не се чувствува добро и признал дека ден претходно пиел алкохол во хотел, пренесе „Кјодо“.
Компанијата нашла замена за пилотот, но летот бил одложен, како и уште два лета кон аеродромот Ханеда во Токио, што погодило вкупно 630 патници.
JAL機長🧑✈️が滞在先で飲酒
— NG*H (@h4b82kix) September 2, 2025
空港に向かう直前に体調不良を訴えて飲酒していたことが発覚
ホノルル発の3便が最大18時間遅延🥶
これで何回目だろうか… pic.twitter.com/HtzXVOREzL
Претставници на јапонското Министерство за инфраструктура, транспорт и туризам денес го посетија седиштето на „JAL“ во Токио за да спроведат истрага.
Најновиот инцидент доаѓа по тоа што „JAL“ во декември минатата година доби наредба да ги подобри и коригира внатрешните процедури поради серија случаи со консумирање алкохол меѓу вработените.

Во април лани, локалната полиција предупреди капетан на оваа компанија за недолично однесување во хотел во САД, додека бил во алкохолизирана состојба.
Сличен инцидент се случи и во декември, кога двајца пилоти кои требаше да летаат од Мелбурн за Јапонија не го поминаа алко-тестот, поради што полетувањето беше одложено, потсетува „Кјодо“.
Компанијата денеска се извини поради уште еден инцидент поврзан со алкохолот кај вработените, иако, како што наведува, презела мерки за искоренување на овој проблем.













