Претседателката со остри критики: По толку бели линии апсурдно е да се зборува за црвени линии, ние и референдумски резултат не почитувавме

Макфакс

03/09/2025

14:23

409

Големина на фонт

а а а

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова вели дека не го разбира предлогот на СДСМ за изготвување резолуција со црвени линии. Таа додава дека Собранието до сега донело повеќе декларации кои не биле почитувани.

Ваквата изјава доаѓа по најавата на опозициската СДСМ дека ќе изготви предлог резолуција за евроинтегративните процеси на земјата за поставување на црвени линии, а ќе се однесува и на отворените прашања со Бугарија како и внесувањето на бугарите во уставот.

„Не го разбирам предлогот, да бидам искрена. По толку бели линии да зборувате за црвени линии е апсурдно. Ние имаме декларација и тоа не само една, неколку декларации сме донеле во Собранието и не беа почитувани. Ние дури и референдумски резултат не почитувавме, а камо ли црвени линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој поглед, особено не ја разбирам аргументацијата дека доколку сепак соседот посегне по вето ние тогаш ќе ги прекинеме преговорите. Да, ќе ги прекинеме преговорите и тоа му одговара на соседот ама ќе го смениме Уставот по 37. Пат. Апсолутно нема потреба. Нека седнат во Собранието нека се договорат пред да даваат изјави во Брисел да постигнат консензус за тоа како ќе се однесуваме. Ако така се однесуваа по средбата на која сите и се израдувавме во Владата, мислам дека и ЕУ поинаку ќе се однесуваше“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа смета дека ако и лидерите на опозицијата и лидерите на сите партии зборуваа во еден глас дека мислиме вака и и вака, ова е добро решение, сигурно поинаку ќе се однесуваат кон нас.

„Ама да слушате вие вака, вака јас слушнав аргументација – побараа или предложија уставни измени со одложено дејство, не им ги прифатија. Како да се работи за некој не знам каде. Еве јас одговорно тврдам дека првиот човек на Европската Унија, господинот Кошта, за измените со одложено дејство рече дека се извонреден потег. Зарем мисли некој дека ние ќе предложиме уставни измени со одложено дејство ако за тоа нема уставен основ? Па и првите уставни измени беа со одложено дејство. Па и последните, преспанските, беа со одложено дејство. Дејството се определува со уставен закон. И првиот уставен закон што го донесовме ’91 за спроведување на уставот беше дека Уставот стапува во сила во моментот на донесувањето освен ако со уставен закон не е поинаку определено. Значи то ами е мене чудно. Уште почудно ми е второто тврдење – побараа да се почитуваат одлуките, пресудите на судот во Стразбур, но и тоа не им го прифатија“, рече претседателката.

Таа упати прашање до Советот на Европа, чуму ни е судот во Стразбур ако неговите пресуди не важат за сите држави.

„Јас мислев дека пресудите на судот се конечни, извршни и важат за сите држави. Какви се тое пресуди кои не важат? Каков е тој суд чии пресуди не важат? Значи крајно време е да седнат сите да се договорат како ќе настапуваат надвор. Зборуваме за нас, зборуваме за најинтерниот акт, зборуваме за највисокиот акт, Уставот. Не знам како да објаснам, студенти ќе разбереа. Многу убаво во Уставот пишува дека предлагач овластен на уставни измени се 150 илјади граѓани, Владата и претседателот на државата. Не читам јас Европската Унија, не читам соседите. Така е со сите устави“, вели Сиљановска – Давкова.