Претседателот на Кина, Кси Џинпинг, за време на воената парада во Пекинг се возеше по плоштадот Тјенанмен во луксузна, црна лимузина марка „hongqi“ со отворен покрив, вредна околу 600.000 евра – едно од најскапите возила во Кина.
Автомобилот „hongqi L5“, познат и како „Црвено знаме“, претставува национална икона и симбол на Комунистичката партија на Кина. Производ е на домашната автомобилска индустрија и децении наназад е избор на кинеските лидери.
Според „CNN“, со масивната предна решетка и препознатливиот украс во форма на црвено знаме на хаубата, лимузината е дел од раскошот на големите политички настани во Кина – од воени паради до дипломатски средби на највисоко ниво.
Индискиот премиер Нарендра Моди, исто така, беше превезуван со „Црвено знаме“ за време на посетата на Кина по повод самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС). Моделот е официјално возило на претседателот Кси, но е резервиран и за највисоките кинески функционери, како и за одбрани странски гости.
Првата појава на лимузината „Црвено знаме“ датира од 1959 година, за време на прославата на кинескиот национален празник.
Си често го користи „hongqi L5“ на јавни настапи, но патува и со поновиот модел „hongqi N701“, кој често се споредува со американската претседателска лимузина „Ѕвер“.
Автомобил тежок 3 тони и вреден 600.000 евра
Клучни карактеристики на „hongqi L5“:
• повеќе од 400 коњски сили
• забрзување до 100 km/h за околу 8,5 секунди
• максимална брзина од 210 km/h
• должина од 5,5 метри и тежина од над 3 тони
Внатрешноста нуди луксузни кожни седишта со дрвени декорации и културни детали како вметнат жад. Задните седишта имаат функција за масажа, греење, ладење и вградени забавни екрани, пишува „NDTV“.
Од аспект на безбедноста, автомобилот располага со погон на сите четири тркала, адаптивен темпомат, сензори за паркирање и камери со видик од 360 степени. Цената на „hongqi L5“ изнесува околу 5 милиони јуани (околу 600.000 евра), што го прави најскап сериски автомобил во Кина.
Лимузина отпорна на куршуми и хемиски напади
Не е сосема сигурно дали Кси Џинпинг се возеше со истиот модел за време на посетата на Србија минатата година, но е потврдено дека „hongqi“ го пречекал на аеродромот во Белград. Станува збор за возило долго 5,4 метри и тешко 3,1 тона, со цена од најмалку 700.000 долари.
Изработено е од специјален ракетен оклоп, со дебели непробојни стакла и интегриран систем за заштита од биолошко и хемиско оружје.
„Црвено знаме“ првпат беше користена во странство за време на државната посета на Нов Зеланд во 2014 година, кога беа ангажирани две верзии на „hongqi L5“. Истиот модел, отпорен на куршуми, го придружуваше претседателот и за време на неговата турнеја во Југоисточна Азија и Пацификот во април 2019 година.