ВМРО-ДПМНЕ бара итна седница на Комисијата за надзор на АНБ

Макфакс

03/09/2025

12:07

117

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ упати јавен повик до претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање, Скендер Реџепи од европскиот фронт ДУИ, да закаже итна седница на комисијата.

„Целта е, на седницата да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ, односно, да утврдиме точен датум за официјална посета во Агенцијата за национална безбедност преку која ќе извршиме директен увид во состојбите и темелно испитување на сите околности поврзани со овие настани. Овие случувања веќе предизвикаа силна вознемиреност во јавноста и ја поткопуваат демократијата и довербата во институциите задолжени за заштита на националната безбедност’, изјави пратеникот Љупчо Пренџов.

Според него, обврска на Комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел, да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата.

„Граѓаните имаат право да знаат дали и како се злоупотребувале институциите и какви мерки ќе се преземат за тоа никогаш да не се повтори. Остануваме доследни во посветеноста кон вистината, владеењето на правото и заштитата на интересите на сите граѓани“, рече Пренџов.