Пенов и Пановски - кандидати за градоначалник на Скопје и носител на листа од ЛДП

Макфакс

02/09/2025

12:52

1.288

Големина на фонт

а а а

Поранешниот градоначаник на Скопје, Ристо Пенов и актуелниот советник во Град Скопје од ЛДП и епидемиолог Никола Пановски се главни фаворити од партијата за кандидат за градоначалник и носител на листа за Скопје од редовите на ЛДП.

Оваа одлука, неофицијално, била донесена на вчерашната седница на Централниот одбор на партијата, каде мнозинството гласови одлучиле во трката да се приклучат овие партиски кадри.

Ристо Пенов е познат на јавноста како искусен политичар, кој беше градоначалник на Скопје во два мандата, од 1996 до 2005 година, период во кој иницираше и реализираше повеќе значајни инфраструктурни и урбани проекти во главниот град. Познат е по својот умерен и принципиелен стил на политичко делување.


Никола Пановски, еден од водечките експерти во областа на јавното здравство, стана пошироко препознатлив по своите стручни ставови и анализи за време на пандемијата со КОВИД-19, каде јавно укажуваше на проблемите во здравствениот систем. Во последниве години е активен и во политичкиот живот како член на Советот на Град Скопје, каде настапува критички и со барања за отчетност и одговорност во управувањето со градот.

Освен Пенов, Либерално-демократската партија (ЛДП) низ годините имаше повеќе истакнати кадри кои остварија значајни успеси на локалните избори, особено во Скопје и дел од општините низ државата, како што беа Андреј Жерновски во Центар, Стевче Јакимовски во Карпош, Аце Коцевски во Велес, Марјан Костадинов во Виница и многу други локални политичари кои оставиле траг во локалната политика во Македонија.