Филипче: Образованието е најважната инвестиција

Макфакс

01/09/2025

12:23

170

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска по повод 1-ви септември, почетокот на новата учебна година, заедно со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваа на настан во ООУ „Киро Глигоров“ во Скопје.

На сите првачиња, ученици, наставници и родители, Филипче им посака успешна школска година исполнета со радост и знаење.

„Посакувам успешна, мирна школска година, мирни денови на сите учениците и им посакувам да се стекнат со нови знаења. На родителите и наставниците им посакувам трпение и да им дадат многу поддршка на децата“, рече Филипче.

Во изјава за медиумите, Филипче истакна дека вложувањето во образованието е најважната инвестиција која не трпи импровизации. Тој додаде дека во периодот на владата на СДСМ беше ставен силен фокус на инвестициите во училиштата и зголемувањето на платите на наставниците.

„Училиштето ‘Киро Глигоров’ е едно од новоизградените училишта за време на мандатот на СДСМ. Изградивме и реконструиравме над 80 училишта. Направивме значајна инвестиција во платите на наставниците, никогаш дотогаш не се зголемиле во толкав процент – над 50%, нешто што сега сериозно недостасува. Градоначалникот Герасимовски во овој сегмент се покажа како добар менаџер. Неколку години по ред за сите првоодделенци има униформи, бесплатни ранци, и од следната година, како што најави, ќе има и бесплатен оброк“, рече Филипче.

Во тој контекст, Филипче најави дека и во програмата за локалните избори ќе се стави сериозен акцент на обезбедувањето квалитетна настава за сите ученици.

„Програмата којашто ја подготвуваме за локалните избори се темели на тоа да се обезбеди квалитетна настава, да се обезбедат безбедни улици за децата коишто доаѓаат до училиштата и сè што може во рамки на локалната самоуправа да се направи за поддршка на родителите“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.