Европски научници: Пожарите во Медитеранот се директна последица од климатските промени

Макфакс

29/08/2025

12:53

152

Големина на фонт

а а а

Незапаметени пожари ги опустошија северна Шпанија и Португалија во последните недели, а Европската Унија се соочува со најлошата сезона на пожари откако започнаа евиденциите во 2006 година. Рекорден број од еден милион хектари изгоре низ Унијата, површина приближно половина од големината на Велс, објави Би-би-си.

Шпанија и Португалија се особено тешко погодени, а научниците од ЕУ проценуваат дека е изгорена околу 1% од целиот Пиринејскиот Полуостров. Повеќе од две третини од вкупната изгорена површина во ЕУ е во овие две земји. Според Европскиот информативен систем за шумски пожари „Коперник“ (EFFIS), повеќе од 400.000 хектари изгореле во Шпанија од почетокот на годината до 26 август. Ова е шест пати повеќе од просекот за истиот период помеѓу 2006 и 2024 година. Соседна Португалија, исто така, бележи рекордни 270.000 хектари изгорени, речиси пет пати повеќе од просекот.

Вкупно, 684.000 хектари се изгорени на Пиринејскиот Полуостров оваа година, при што поголемиот дел од оваа површина е изгорена за само две недели. Пожарите се концентрирани во шумските области на северна Португалија и во шпанските региони Галиција, Астурија и Кастиља и Леон. Пожарот не ги поштеди ниту заштитените подрачја како што е Националниот парк Пикос де Европа, ниту трасата на мрежата за поклонение Камино де Сантијаго, која привлекува повеќе од 100.000 посетители во лето.

Овие настани предизвикаа најголема мобилизација на пожарникари во рамките на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ досега.

Чадот од пожарите драстично го влоши квалитетот на воздухот, носен од јужните ветрови до Франција и Обединетото Кралство. Во посебна студија, научниците од групата World Weather Attribution на Империјал колеџ во Лондон директно ја поврзаа влошената сезона на пожари во Медитеранот со климатските промени.

Пожарите, исто така, создаваат маѓепсан круг со ослободување на огромни количини јаглерод диоксид (CO2) во атмосферата, што дополнително ја затоплува планетата. Според податоците на ЕУ, CO2 ослободен од пожарите во Шпанија оваа година достигна рекордни 17,68 милиони тони.

Експертите предупредуваат дека почестите и посериозни пожари низ Европа веројатно ќе продолжат.