Израелската војска соопшти дека нападот врз болницата Насер во Газа, во кој загинаа најмалку 20 лица, бил насочен кон камера што Хамас ја поставил во близина на објектот. Според Си-ен-ен, израелските сили тврдат дека камерата била користена за следење на нивните активности и насочување на нападите против нив.
„Голанската бригада, која дејствувала во областа Кан Јунис за уништување на терористичката инфраструктура, идентификувала камера на Хамас инсталирана во близина на болницата Насер, која била користена за следење на активностите на израелските сили со цел насочување на терористичките активности“, се вели во соопштението на израелската војска.
„Во овој контекст, војниците дејствувале за да ја елиминираат заканата со насочување и уништување на камерата, а истрагата покажала дека војниците дејствувале со цел да ја елиминираат заканата“, се додава во соопштението.
Стануваше збор за таканаречен „двоен удар“ – два напада во непосредна близина – во кој загинаа здравствени работници, пет новинари и работници од службите за итни случаи кои побрзаа да помогнат по првиот напад. Си-ен-ен потсетува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху подоцна ги нарече цивилните смртни случаи „трагична несреќа“.
Израелската војска, исто така, соопшти дека шест лица, кои ги опиша како „терористи“, биле убиени во нападот врз болницата Насер. Еден од нив, како што се наведува, учествувал во нападот на израелска територија на 7 октомври.
„Во исто време, началникот на Генералштабот изразува жалење за каква било штета предизвикана врз цивилите“, се вели во соопштението на израелската војска. Си-ен-ен не можеше независно да ги потврди тврдењата.