Сијарто: Зеленски да престане да и се заканува на Унгарија

Макфакс

25/08/2025

18:34

328

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да „престане да ѝ се заканува на Унгарија“.

Сијарто тврди дека Зеленски го искористил вчерашниот Ден на независноста на Украина „за да упати јасни закани кон Унгарија“. Тој ја обвини Украина за „сериозни напади“ врз енергетската безбедност на Унгарија и предупреди дека „нападите врз енергетската безбедност треба да се толкуваат како напади врз суверенитетот“.

„Војна во која не сме вклучени не е легитимно објаснување за кршење на нашиот суверенитет. Го повикуваме Володимир Зеленски да престане да ѝ се заканува на Унгарија и да престане да ја загрозува нашата енергетска безбедност“, рече Сијарто.

Зеленски претходно сугерираше дека нападите врз нафтоводот „Дружба“ во Русија се директно поврзани со ставот на Унгарија за пристапувањето на Украина во Европската Унија. „Секогаш сме го поддржувале пријателството меѓу Украина и Унгарија. А сега постоењето на „Дружба“, што на украински значи пријателство, зависи од ставот на Унгарија“, рече Зеленски.

Зеленски во четвртокот потврди дека побарал од американскиот претседател Доналд Трамп да се обиде да го убеди унгарскиот премиер Виктор Орбан да не го блокира патот на Украина кон членство во ЕУ.

Унгарија во петокот беше информирана дека нафтоводот „Дружба“ на руско-белоруската граница е нападнат по трет пат за краток период. Орбан одлучи да му напише писмо на Трамп во врска со украинскиот напад врз нафтоводот „Дружба“, а Трамп одговори дека е лут поради нападот.