Остатоците од ураганот Ерин се движат кон Западна Европа, можни се бури и бранови до 12 метри

Макфакс

25/08/2025

12:15

353

Големина на фонт

а а а

Западна Европа, Обединетото Кралство и Ирска се соочуваат со нестабилно време во текот на следните неколку дена, бидејќи остатоците од ураганот Ерин се приближуваат кон континентот.

Откако достигна јачина од категорија 5, Ерин се движеше кон Европа од источниот брег на Северна Америка како моќен посттропски циклон, а системот веќе предизвикува загриженост за можни силни бури на крајот од неделата, пишува Severe Weather Europe.

Остатоците од ураганот ќе останат силни во текот на понеделник и вторник, со центар западно од Ирска и Обединетото Кралство. Пред да пристигне циклонот, температурите во Обединетото Кралство би можеле да достигнат 30°C денес, но топлото време ќе биде краткотрајно. Дожд и ветер се очекуваат во текот на ноќта во вторник, прво во Ирска и Северна Ирска, а потоа и во остатокот од Кралството.

Ерин е првата бура од атлантската сезона во 2025 година што достигна јачина на ураган. Своето патување го започна како тропски бран на 9 август, а до 16 август се засили во бура од категорија 4. Кратко потоа, „ловците на урагани“ на NOAA објавија дека Ерин се засилила до бура од категорија 5, со ветрови од 260 км/ч и минимален централен притисок од 915 милибари. Таа јачина ја задржа поголемиот дел од денот, по што почна да слабее.

Се очекува времето да се влоши од средината на неделата со силни ветрови и обилни врнежи од дожд придружени со грмотевици. Иако најсилните ветрови претежно ќе останат на отворено море, високите бранови ќе го погодат западниот брег на Европа.

Денес, тие би можеле да достигнат висина од 10 до дури 12 метри западно од Ирска. Во средината на неделата, во среда и четврток, се очекуваат бранови од 8 до 10 метри по должината на бреговите на Ирска, Северна Ирска и делови од Шкотска, а ќе се прошират низ Бискајскиот Залив кон Франција и Шпанија.