Народното собрание на Република Српска синоќа на вонредна седница донесе одлука на 25 октомври да се одржи референдум во врска со пресудата на Судот на Босна и Херцеговина против Милорад Додик и одлуката на Централната изборна комисија да му се одземе претседателскиот мандат.
Претседателот на парламентот, Ненад Стевандиќ, информира дека од вкупно 65 пратеници присутни на седницата, 50 гласале „за“ организирање на референдумот, додека пратениците од опозицијата кои беа во салата одбија да гласаат.
Милорад Додик, кој повеќе од една деценија ја предводи Република Српска, во февруари беше осуден од Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница. Судот му забрани да извршува јавни функции, а на 6 август Централната изборна комисија официјално му го прекина претседателскиот мандат, што отвори постапка за распишување предвремени избори.
По оваа одлука, Додик најави дека единствен начин да се изрази ставот на граѓаните е преку референдум. На гласањето во октомври, жителите на Република Српска ќе треба да одговорат дали ги прифаќаат одлуките на високиот претставник, пресудите на Судот на БиХ и решението на Централната изборна комисија за прекинување на неговиот мандат.