Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот отчет по повод четиригодишната работа на градоначалниците, порача дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата.
„Ние ќе се менуваме и надоградуваме врз основа на потребите на граѓаните. Ниту една функција не е загарантирана ниту вечна. Затоа веднаш после изборите ќе ги отвориме вратите на партијата за нови луѓе, а во Владата ќе има реконструкција. Тоа не значи дека луѓето кои ќе се заменат биле лоши, туку дека секогаш е потребен зголемен капацитет и посилно темпо за промените кои ги правиме“, изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека Македонија нема да се врати во минатото и дека граѓаните ќе им кажат „не“ на СДСМ и ДУИ.
„ДУИ уште долго ќе биде во опозиција. Таму припаѓаат заедно со нивниот коалициски партнер во криминалот, СДСМ. Овие избори нема да бидат нивната врата кон Владата, а интригите и игрите од Зајас и Мала Речица нема да поминат“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски остро ги обвини СДСМ и ДУИ за тајни договори на штета на народот.
„Повеќе од јасно е дека овие две партии имаат сценарио – не за народот, туку против народот. Со фантомски листи и независни кандидатури сакаат да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот и да ја заматат сликата за нивниот историски пораз кој доаѓа“, истакна тој.