Во Охрид, локалната власт предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ во последните четири години не успеа да ги реализира ветените проекти за развој на градот, рече кандидатот за градоначалник на Општина Охрид од редовите на СДСМ, Асен Шејн.
Според него, наместо подобрување на инфраструктурата, туризмот и урбанистичкиот ред, охриѓани останале со разочарувања и урбанистички хаос.
„Во Охрид времето помина како да не постоела локална власт. Нема ниту еден нов крупен проект, нема урбанистички ред, нема туристички развој“, вели Шејн, истакнувајќи дека четиригодишната работа на Пецаков и неговиот тим се сведува на празни зборови и неизвршени ветувања.
На листата на нереализирани проекти се наоѓаат плоштадот „Крушевска Република“, катните гаражи на повеќе локации, пречистителната станица во Трпејца и велосипедската патека „Св. Стефан“. Покрај тоа, според кандидатот Шејн, ветените активности во туризмот, како формирање стратешки партнерства, еко туризам, адаптација на капацитети за лица со посебни потреби и развој на алпинизмот, не се започнати, ниту пак реализирани.
„Наместо развој, единствено што видовме е реконструкција на улицата Македонски Просветители, која 80% беше завршена од претходната власт и е најголемиот успех на оваа локална самоуправа. Охриѓани живеат во урбанистички хаос, дишат најзагаден воздух досега, а градот станува мета на потсмев кај туристите“, рече Шејн.
Од тој додаде дека Охрид заслужува сериозна, одговорна и способна локална власт и повикуваат граѓаните да ја искористат можноста за промени.
„Време е за нова енергија, за реални проекти. Охрид не смее да изгуби уште четири години“, истакна Шејн.