Синоќа на локален пат во селото Колибари, Кичевско, се случи трагична несреќа со четирицикл.
Ериона Рамадани и Албина Абази, ученички од Школата за музичка и културна дејност „Дрита“ – Кичево починаа вчера во сообраќајна несреќа со четирицикл.
МВР информира дека вчера попладне во 18:05 часот во ОВР Кичево било пријавено дека на локален пат во с. Колибари, кичевско, 15-годишна малолетничка од с. Колибари, управувајќи четирицикл со кичевски регистарски ознаки, изгубила контрола и со четирициклот излетала од коловозот.
„Од здобиените повреди на местото на несреќата починале малолетничката и нејзината малолетна сопатничка од с. Грешница, кичевско. Лекар констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите биле дадени на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа на ОВР Кичево“ велат од полицијата.
Училишната управа и персоналот ја изразија својата длабока тага и сочувство. „Со длабока тага и потресени срца ја примивме веста за загубата на нашите сакани ученички. Нивниот замин остави незаменлива празнина во нашите срца и во секој агол на училиштето“, наведуваат од ШМК „Дрита“, објави 4NEWS.mk.
Директорот, наставниците и учениците упатија искрено сочувство до семејствата, роднините и пријателите на Ериона и Албина, молејќи се Бог да им даде сила да ја поднесат оваа голема загуба.
„Нека е вечен споменот на Ериона и Албина! Нека почиваат во мир!“, стои во пораката на ШМК „Дрита“ – Кичево.