Нетанјаху: Израел ќе ја освои Газа без разлика дали Хамас ќе ги ослободи заложниците

Макфакс

21/08/2025

18:07

179

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи со плановите за воена акција и целосно освојување на Газа, без разлика на тоа дали Хамас ќе се согласи на примирје и на спогодба за ослободување на заложниците.

Во интервју за „Скај њуз Австралија“, Нетанјаху го критикуваше австралискиот премиер Ентони Албанез и Канбера, обвинувајќи го за „попуштање“ пред терористички групи и нивните поддржувачи на Запад.

„Сигурен сум дека има углед во јавната служба, но мислам дека неговиот углед е засекогаш нарушен поради слабоста што ја покажа пред овие терористички монструми од Хамас“, рече Нетанјаху за Албанез.

Премиерот го прикажа градот Газа како „последно упориште на Хамас“, споредувајќи ја потребата за освојување со напорите на сојузничките сили да го освојат Берлин за време на Втората светска војна.

Планот за освојување на градот Газа предизвика критики на меѓународно ниво, поради влошувањето на хуманитарната криза и предупредувањата дека може да се загрозат преостанатите заложници.