Управителот на Лајконет Македонија поднел оставка, многу Македонци во неизвесност

Точка

21/08/2025

07:50

4.666

Големина на фонт

а а а

Иднината на „Лајконет Македонија“ станува сè понеизвесна откако Радован Витошевиќ, управителот на компанијата, поднел оставка на 1 август 2025 година, според податоците од Централниот регистар. Оставката била официјално прифатена на 20 август, оставајќи ја „Лајконет Македонија ДООЕЛ Скопје“ без раководител во критичен момент, објави 4NEWS.

Оваа промена доаѓа во време кога матичната компанија од Австрија, „МајВорлд Интернешнел“, се наоѓа во стечајна постапка и се соочува со значителни финансиски тешкотии. „Лајконет“ функционира како маркетинг агенција чиј единствен клиент е „МајВорлд“, со ексклузивни права за промоција на над 400.000 компании ширум светот. Сепак, иднината на оваа мрежа во Македонија е под знак прашалник, оставајќи илјадници граѓани кои вложиле средства во системот во неизвесност за нивните инвестиции.

Зоран Витанов, помал акционер во „МајВорлд“ и дел од „Лајконет Австрија“, потврди дека кешбек системот на компанијата сè уште е активен и покрај стечајот. „Не сум сигурен дали тоа ќе обезбеди доволна ликвидност“, изјави тој, изразувајќи скептицизам за финансиската стабилност на компанијата.

Според финансиските извештаи, „МајВорлд Македонија“ остварила профит од 266.000 евра во изминатите три години. Сепак, дел од членовите во Македонија веќе размислуваат за покренување правни постапки за да ги заштитат своите вложувања.

Компаниите „МајВорлд“ и „Лајконет Австрија“ се во сопственост на австрискиот бизнисмен Хуберт Фрајдл, чие богатство се проценува на околу половина милијарда евра.