Американскиот претседател Доналд Трамп се нарече себеси „воен херој“ затоа што одобрил воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти.
Појавувајќи се во радио емисијата на конзервативниот водител Марк Левин, Трамп рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е воен херој затоа што работеле заедно.
„Тој е воен херој. Претпоставувам дека и јас сум. На никој не му е гајле. Но, и јас сум. Мислам, јас ги испратив тие авиони“, рече Трамп, очигледно алудирајќи на нападот што го нареди во јуни врз подземните нуклеарни објекти на Иран со цел уништување на нуклеарната програма на Техеран.
Нетанјаху е под потерница од Меѓународниот кривичен суд со месеци поради наводни воени злосторства во Газа.
Израелската офанзива врз Појасот Газа, која трае од нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, уби повеќе од 60.000 Палестинци, според извори контролирани од Хамас, додека Хамас тој ден убил околу 1.200 луѓе во Израел и киднапирал околу 200 и ги однел во Газа.
Самиот Трамп никогаш не служел во војна ниту служел во војската. За време на Виетнамската војна, тој добил пет одложувања на воената служба, вклучително и медицинско ослободување поради дијагноза на коскени израстоци на петиците кога имал 22 години.
Во 2015 година, тој предизвика контроверзии кога тврдеше дека републиканскиот сенатор од Аризона Џон Мекејн, кој поминал повеќе од пет години како воен заробеник во Северен Виетнам, не е воен херој затоа што, како што рече, повеќе ги сака луѓето кои не се заробени.
Во 2020 година, Атлантик објави дека Трамп приватно ги навредил паднатите американски војници, нарекувајќи ги „губитници“ и „наивни“. Трамп енергично ги негираше овие обвинувања.