Aмериканскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека ја исклучил можноста за испраќање американски трупи на терен во Украина, но дека Соединетите Држави би можеле да обезбедат воздушна поддршка како дел од договорот за завршување на војната во таа земја.
По итниот самит во Белата куќа на кој се зборуваше за безбедносни гаранции за помош во завршувањето на војната, патот кон мирот сè уште е неизвесен додека САД и сојузниците се подготвуваат да разјаснат што би можела да вклучува воената поддршка за Украина.
„Кога станува збор за безбедноста, Европа е подготвена да испрати луѓе на терен. Подготвени сме да им помогнеме со ресурси, особено, веројатно со воздушни средства“, рече Трамп во интервју за „Фокс њуз“.
Трамп не даде повеќе детали. Подоцна, во интервју со радио водителот Марк Левин, Трамп својот преговарачки стил во обидот за завршување на војната го опиша како „веројатно повеќе инстинкт отколку процес“.