Одложени рочишта во Кривичниот суд поради неспроведување на притвореници – Утковски: Затворот има недостиг на возила и кадар

Макфакс

19/08/2025

16:14

125

Големина на фонт

а а а

Во изминатите два дена, речиси сите насрочени рочишта во Основниот кривичен суд Скопје биле одложени, со навремена достава на покани до странките, поради тоа што од затворот во Шутo Оризари не биле спроведени притворените лица на закажаните рочишта.

Од Судот наведуваат дека меѓу одложените предмети имало и случаи од одделот за организиран криминал и корупција, со повеќе од десетина обвинети, за кои течат законски рокови за постапување. Судот нагласува дека мерката притвор е наменета исклучиво за обезбедување присуство на обвинетите и не смее да се претвори во казна.

Во писмото до директорот на затворот, Судот потенцира дека затворот е „сервис на судот“ и дека негова задача е да го обезбеди присуството на обвинетите. Судот очекува ваквата ситуација повеќе да не се повторува.

Директорот на КПУ Затвор Скопје, Бобан Утковски, информира дека проблемите се последица на ограничениот број возила и намалениот број на вработени во Затворската полиција. Тој наведува дека на 18 август биле планирани 12 спроводи, од кои биле реализирани 8, а на 19 август од 19 планирани, биле реализирани 16.

Утковски појаснува дека Затвор Скопје врши спроводи не само за Основниот кривичен суд Скопје, туку и за сите судови и обвинителства низ целата држава, вклучувајќи ги Гостивар, Тетово, Кичево, Куманово, Велес, Штип, Битола, Охрид и Кочани, при што постапува согласно можностите и капацитетите.