Американскиот претседател беше прашан од новинарите дали има вести за можна трилатерална средба на која би учествувале рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Трамп рече дека вчера се слушнал со Путин и дека се надева оти рускиот лидер ќе се однесува како што треба. Ако не, додава Трамп, тоа ќе биде тешка ситуација.
Трамп изјави дека се надева дека Зеленски ќе направи што мора да направи, но нагласува дека мора да биде и „флексибилен“ во преговорите. Тој додава дека не би рекол дека Зеленски и Путин некогаш ќе станат „најдобри пријатели“, но забележува дека токму овие двајца лидери „мора да донесат клучни одлуки“.
Кога беше прашан за можноста за безбедносни гаранции, Трамп рече дека европските земји „ќе го преземат најголемиот товар“. „Тие сакаат да имаат војска на терен“, додава тој, осврнувајќи се на Франција, Германија и Обединетото Кралство. „Не мислам дека тоа ќе биде проблем.“
Кога беше прашан дали може да гарантира дека американските војници нема да бидат на терен, Трамп одговори потврдно.
„Вие ја имате мојата гаранција, а јас сум претседател. Само се обидувам да го спречам убивањето луѓе.“
Трамп, исто така, посочи дека поддршката на САД за безбедноста на Украина би можела да дојде во форма на воздушна сила. Американскиот претседател, исто така, рече дека отсекогаш ја сметал Украина за еден вид тампон-зона помеѓу Русија и Европа.
Трамп наведува дека вчера имал „многу добар разговор“ со Путин по средбата со Зеленски и европските лидери. „Не го направив тоа пред нив, мислев дека би било непочитување кон претседателот Путин“, вели тој. „Путин не сакаше да разговара со луѓе од Европа“.