Охридското Езеро се порибува со речиси милион единки охридска пастрмка

Макфакс

15/08/2025

14:39

194

Големина на фонт

а а а

Охридското Езеро се порибува со речиси милион единки охридска пастрмка, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.

„Денеска се наоѓам во Хидробиолошкиот завод – Охрид, поводот е порибување на Охридското Езеро во согласност со договорот што го склучивме во Министерството со Хидробиолошкиот завод – Охрид и со Институтот за сточарство и рибарство во согласност со програмата од 2024 година. Обврската е да се пориби Охридското Езеро со минимум 400.000 единки охридска пастрмка, кои се одгледани во Хидробиолошкиот завод – Охрид, и 200.000 единки од Институтот за сточарство и рибарство“, рече министерот.

Тој истакна дека е информиран од Хидробиолошкиот завод – Охрид дека иако минимумот беше 400.000 единки, сепак се одгледани 620.000 единки, со кои ќе биде порибено езерото во наредниот период. Од Институтот за сточарство и рибарство информираа дека од минимум 200.000 единки одгледани се приближно 350.000 единки охридска пастрмка.

„Ова е показател дека по шест години застој, продолжуваме со порибување на она што претставува наше најголемо богатство, а тоа е охридската пастрмка“, истакна министерот Трипуновски.

„Имаме зголемување на средствата во однос на програмата за рибарство и аквакултура. Договорите за в година склучени со Хидробиолошкиот завод – Охрид се од 3,3 милиони денари, а со Институтот за сточарство и рибарство изнесуваат 1,7 милион денари. Вкупниот број риби што треба да бидат одгледани од страна на Хидробиолошкиот завод – Охрид се речиси 1,1 милион единки со просечна тежина од 3 грама, а Институтот за сточарство и рибарство има обврска да одгледа приближно 570.000 единки“, додаде министерот Трипуновски.

Тој посочи дека в година Охридското Езеро ќе се пориби со над 1,6 милион единки.