11 часа по објавувањето на мојата кандидатура за градоначалничка на општина Центар, полицајци затропаа на мојата врата, објави поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и актуелна независна кандидатка за градоначалник на општина Центар, Билјана Ивановска.
Таа објави дека синоќа полицајци ја побарале дома за да ѝ врачат кривична пријава, но таа не била дома.
„Синоќа, во 20.30 ч двајца полицајци ме побарале да ми врачат кривична пријава, но јас не бев дома. Утринава, веднаш појдов да ја подигнам поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со ‘Независни заедно’ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам, кои нè доведоа до оваа ситуација. Ние со вашата поддршка ќе ја вратиме моќта кај граѓаните и нивното достоинство затоа што институциите треба да ни служам нам, а не на центрите чиј интерес е профитот. Јас навреме ќе ве информирам за ситуацијата во врска со оваа кривична пријава, но, секако, адреса на информирање е и Обвнителството како е надлежна институција“, напиша Ивановска.
По 11 часа откако ја објавив мојата кандидатура за градоначалничка на Општина Центар, полицајци затропаа на мојата...
Posted by Biljana Ivanovska on Friday, August 15, 2025
Во врска со пријавата против Ивановска, Обвинителството соопшти:
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.2.2025 година и презема дејства за да ги провери наводите. Како едно од дејствата е испитување на наведеното лице, кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од Обвинителството е испратена на 25.7.2025 година и на ниеден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.