Јутјубер изработи необичен "aimbot" што ги контролира мускулите со вистински електрошокови

Точка

14/08/2025

20:38

561

Големина на фонт

а а а

Никој не сака "aimbot", но мора да се признае дека овој е навистина необичен.

Досега, "aimbot"-от секогаш постоел во форма на софтвер – „cheat“ што се инсталира и користи во FPS-игри како „Counter-Strike“ и „Call of Duty“. Но, Јутјубер-от Николос, познат како „Basically Homeless“, конструираше уникатен "aimbot"-уред што ги насочува играчите со помош на електрични импулси. Овој тип "aimbot" не го движи курсорот на вашиот глушец, туку директно ја контролира вашата рака – уредот испраќа електрошокови кои моментално ја „влечат“ раката кон противникот во играта, а во некои случаи дури и автоматски испукуваат куршум.

Во своето ново видео, „Basically Homeless“ го прикажа процесот на изработка на уредот, откривајќи дека идејата за невромускулен "aimbot" му дошла откако забележал дека со годините му се намалува брзината на реакција. Просечното време на реакција кај луѓето е околу 200 милисекунди, додека врвните е-спорт играчи можат да достигнат 150 ms или дури и помалку. Во компетитивните игри секоја милисекунда е важна, па Николос решил да создаде систем што би му овозможил на компјутерот побрзо да ги детектира противниците и автоматски да ги активира мускулите.

По долг развоен процес, го создал „Neuromuscular Aim Assist“, кој работи така што го поврзува "YOLO" (You Only Look Once) моделот трениран на „Counter-Strike 2“ со EMS (електромускулна стимулација) или TENS (транскутана електрична стимулација на нерви) единица. Компјутерот во реално време ги обработува настаните во играта, ја детектира положбата на непријателот и испраќа команди до „Raspberry Pi“ компјутер, кој управува со релеи поврзани со електроди прикачени на раката на играчот. Електричните импулси ја принудуваат раката да се заврти кон целта, а во подоцнежната верзија на системот – и автоматски да го повлече чкрапалото.

Првата верзија на „Neuromuscular Aim Assist“ имала проблеми со латенцијата, но подобрувањата како премин на "Ethernet" конекција, посилен хардвер, цврсти релеи и попрецизно насочување на стимулацијата на мускулите го намалиле времето на реакција под 100 ms – што е побрзо од многу професионални играчи. Во новите тестови, уредот бил особено ефикасен во комбинација со снајперско оружје. Сепак, не е сè идеално — повремени лажни сигнали знаат да го насочат нишанот кон соиграчите, а подолгата употреба е прилично напорна.

Иако технички движењето го извршуваат мускулите на играчот, а не софтвер што ја модифицира самата игра, многумина овој уред сè уште го сметаат за измама – особено ако може да го заобиколи "anti-cheat" системот. Подоцнежни, попрецизни и покомпактни верзии би можеле да бидат проблематични, но „Neuromuscular Aim Assist“ засега останува само интересна научна демонстрација.