Американскиот „Вог“ наскоро би можел да добие нова главна уредничка, а во модните кругови сè повеќе се шпекулира дека главна кандидатка за таа улога е Клои Мал, ќерката на легендарната актерка Кендис Берген и познатиот режисер Луис Мал.
Клои, која моментално работи како уредничка на Vogue.com, неодамна направи интервју со Лорен Санчез, непосредно пред нејзината раскошна свадба со милијардерот Џеф Безос.
Според информации од извори блиски до модната куќа „Condé Nast“ Мал е на самиот крај од преговорите за оваа престижна работа. На потесниот список се наоѓаат само неколку имиња, а меѓу нив е и Никол Фелпс, глобална директорка на „Vogue Runway“.
Се очекува новата уредничка да ја преземе функцијата пред почетокот на Неделата на модата во Њујорк, закажана за 11-ти до 16-ти септември.
Ненадејната одлука на Ана Винтур
Ана Винтур, која го обликуваше имиџот на американскиот Вог повеќе од три децении, во јуни го изненади светот на модата објавувајќи дека се повлекува од функцијата главна уредничка. Сепак, таа останува на високи позиции во „Condé Nast“ – како глобална директорка за содржини и глобална главна директорка на Вог.
Позната по своите бескомпромисни стандарди и перфекционизам, Винтур го претвори списанието во водечки моден авторитет, а нејзината работа вклучува и организирање на гламурозната Мет Гала.
Родена во Лондон во 1949 година, Винтур уште како тинејџерка зачекори во светот на модата, а со текот на годините изгради репутација на личност која контролира секој детаљ и диктира трендови на глобално ниво.
Клои Мал – пораснала во светот на уметноста и луксузот
Потенцијалната наследничка, Клои Мал, е родена во 1985 година во Њујорк. Таа пораснала опружена со уметници, креатори и влијателни лица, што го обликувало нејзиниот вкус и стил.
Дипломирала компаративна книжевност на Универзитетот Браун, а својата кариера во новинарството ја започнала во 2011 година токму во „Вог“. Особено се истакнала преку својата работа на дигитални платформи и специјални изданија на списанието.
Покрај уредничката работа, Клои е и водителка на популарниот поткаст на „Вог“ „The Run-Through“, во кој ги следи најновите модни трендови и разговара со светски дизајнери.
Но, дали ќе го заземе местото на Винтур, останува да видиме.