Фудбалскиот клуб Челзи одлучи да донира дел од бонусите освоени на Светското клупско првенство на семејствата на трагично починатиот Диого Жота и неговиот брат Андре Силва. Потег за почит од страна на клубот и играчите по победата на престижното натпреварување, пишува „Атлетик“.
Да ве потсетиме, во јули, клубот од Западен Лондон ја освои шампионската титула на новото, проширено Светско клупско првенство на ФИФА, победувајќи го Пари Сен Жермен во финалето со убедливи 3:0.
Овој успех им донесе околу 114,6 милиони долари (околу 100 милиони евра). После тоа, клубот воспостави фонд од 15,5 милиони долари за еднаква распределба меѓу играчите на тимот на Енцо Мареска, а со заедничка одлука на клубот и играчите, дел ќе му припадне на семејството Жота.
Вредноста на секој поединечен дел е повеќе од 500.000 долари, пред одбивањето на трошоците за конверзија на валута, даноците и другите такси.
Гестот доаѓа во знак на поддршка на семејството по ужасната трагедија што се случи на 3 јули, само десет дена пред финалето на Челзи. Во сообраќајна несреќа во шпанската покраина Замора, напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота, и неговиот брат Андре Силва, фудбалер од португалскиот клуб Пенафиел, ги загубија животите.
И Ливерпул, клубот на Жота, се збогува со својот напаѓач на трогателен начин. Неодамна беа откриени планови за спомен-скулптура на „Енфилд“ во чест на Португалецот, кој постигна 65 гола на 182 настапи за клубот.
Во текот на сезоната 2025/26, играчите ќе го носат амблемот „Засекогаш 20“ на своите дресови, а фондацијата на клубот ќе започне програма за млади фудбалери која ќе го носат името на Жота.
Пред првиот натпревар од сезоната против Борнмут во петок, планирани се специјална кореографија на навивачите и едноминутно молчење. Минатиот месец, Ливерпул исто така објави дека трајно го повлекува дресот со број 20 на сите нивоа на клубот во спомен на играчот кој пристигна на „Енфилд“ во 2020 година.