Секојдневниот ритам во Скопје се забрзува. Времето станува скапоцена стока, а слободните минути – луксуз.
Сопствениците на домашни миленици, особено на кучиња, честопати се наоѓаат во незавидна положба – сакаат најдобро за своите четириножни пријатели, но… не стигнуваат.
Тука настапуваат тие – новата категорија урбани херои: шетачите на кучиња.
Од љубов до професија
Марија, млада жена од Скопје, е една од првите кои сериозно се фати за оваа работа. Не поради профит, туку, како што сама вели, од љубов. Има 5 сопствени кучиња и цел живот е опкружена со животни.
„Секој сопственик има своја приказна. Некој работи две смени, друг е самохран родител, трет е често на пат. А кучето не знае за смени и обврски. Нему му треба прошетка, игра, внимание. Затоа постојам јас,“ ни објаснува Марија, додека со едната рака го гали Џек Раселот на една постара клиентка, а со другата вади ќесе од џебот – навика што не се заборава.
Цени, пакети, и една бесплатна прошетка
За 200 денари добивате 30-минутна индивидуална прошетка. Ако имате повеќе кучиња – цената паѓа на 150 денари по миленик. А за оние кои сакаат конзистентност и редовност, тука е неделниот пакет од пет прошетки за 850 денари.
„Првата прошетка е бесплатна. Тоа не е маркетинг трик, туку шанса да се запознаеме – јас со кучето, кучето со мене, и вие со мене. Само така можам да бидам сигурна дека ќе си одговараме“, додава таа.
Покрај прошетките, Марија нуди и домашна посета – ако сте на пат или во болница. За 250 денари таа ќе го нахрани миленикот, ќе поигра со него, ќе провери дали сè е во ред. А за 400 денари – ќе го чува до три часа.
Ширење на свеста
Она што особено ја одвојува Марија од другите е нејзината активност за уличните кучиња. Секоја заработка ја придружува и со хуман гест. Донациите за згрижување на бездомните животни ги прифаќа во вид на храна, пари или… време.
„Не можам да ги гледам тие очи и да се правам дека не постојат. Ако не можам сите да ги спасам, барем можам неколку,“ ни вели тивко, со еден поглед што кажува повеќе од илјада зборови.
Искусени клиенти, задоволни кучиња
Анче од Карпош е една од првите клиентки.
„Имам многу обврски, едноставно не стигнувам. А мојот Џек е хиперактивен. Откако Марија почна да го шета – кучево е мирно, среќно, а јас сум спокојна. Секој ден иста рута, исто лице. Џек се радува кога ќе ја види,“ вели Анче.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.