ЗНАМ го усвои Акцискиот план за 2026 – започнува кампања под слоганот „Европски реформи, европски институции, европска Македонија“

Макфакс

12/03/2026

20:02

158

Големина на фонт

а а а

Движењето ЗНАМ за Наша Македонија одржа седница на Централниот одбор во проширен состав, на која присуствуваа претседателот на Градската организација, членовите на Пратеничката група, како и претседателите и секретарите на општинските организации.

На седницата беше усвоен Акцискиот план за оперативно делување, стратешки документ кој го означува следниот чекор во политичкото и организациското јакнење на движењето, се наведува во соопштението.

„Акцискиот план предвидува отпочнување на низа конкретни активности насочени кон изградба на силна и модерна политичка организација, меѓу кои: • формирање на Клуб на млади и Клуб на жени • воспоставување на Внатрепартиска академија – Институт за едукација • избор на регионални координатори и нивни заменици • формирање на работни тела и комисии за креирање политики • регионални средби и посета на сите 53 општински организации • избори и формирање на нови општински организации • организирање трибини и панел-дискусии низ целата држава • како и избор на меѓународен секретар“, соопштија од ЗНАМ.

Централниот одбор донесе и одлука во текот на второто тромесечие од годината, во пресрет на две години од формирањето на Владата, Движењето ЗНАМ да започне широка политичка и теренска кампања низ целата држава, под слоганот „Европски реформи, европски институции, европска Македонија“.

„Преку јавни трибини, средби со граѓани, посети на општини и работилници, функционерите на ЗНАМ ќе ги презентираат конкретните резултати, реформи и политики реализирани во рамки на две годишното делување во Владата, испраќајќи порака дека политиката се мери со дела, резултати и одговорност пред граѓаните. Движењето останува доследно на својата мисија да изгради силна, правна и стабилна Македонија, во која институциите работат во интерес на граѓаните, а државата со достоинство и јасен национален интерес чекори кон својата стратешка цел – полноправно членство во Европската Унија“, се наведува во соопштението