Норвешката полициска служба за безбедност (PST) се сомнева дека проруски хакери саботирале брана во југозападна Норвешка во април, објавува весникот VG.
Според VG, хакерите провалиле во контролниот систем на браната во општината Бремангер, околу 150 километри северно од Берген, и отвориле вентили кои испуштале големи количини вода четири часа, сè додека не можеле да се затворат. Браната не се користи за производство на енергија, а локалните медиуми објавуваат дека хакерите можеби искористиле безбедносен пропуст предизвикан од слаба лозинка.
Шефицата на PST, Беате Гангос, откри детали за инцидентот за време на јавна презентација вчера за проруските сајбер операции. Таа рече дека бројот на напади врз западната инфраструктура се зголемува, честопати не за да предизвика штета, туку за да покаже „за што се подготвени“. Додаде дека Норвешка мора да биде подготвена за нови хакерски напади.
На истиот настан, директорот на норвешката разузнавачка служба, Нилс Андреас Стенсенос, рече дека Русија е најголемата закана за безбедноста на земјата.
Кибер нападите врз западни цели се дел од стратегијата за хибридно војување на Русија. Во јануари 2024 година, хакерска група упадна во постројка за пречистување на вода во Тексас, предизвикувајќи прелевање на вода. Според американските власти, зад нападот стојат хакери поврзани со Кремљ.