„Влен“: Бујар Османи претставува симбол на дваесетгодишната корупција

Макфакс

12/08/2025

15:25

189

Големина на фонт

а а а

„Граѓаните на Чаир добро знаат кој е Бујар Османи. Знаат дека за дваесет години политика никогаш не направил ништо за Чаир, ниту помогнал на некого од Чаир. Се враќа тука само кога му требаат гласови за да ја продолжи својата лична политичка кариера“, велат од „Влен“.

„Бујар Османи е симбол на кариеризмот – човек кој ја користеше секоја функција за сопствен напредок, а не за доброто на граѓаните.

Како министер за здравство доби амнестија во предмет на СЈО за незаконски набавки, а извештаите на Државниот завод за ревизија документираат милионски незаконски трошоци: милиони денари за деривати без покритие, сервисирање возила без докази, незаконски вработувања преку агенции.

Како министер за надворешни работи потроши над 120 милиони денари за Самитот на ОБСЕ, без документи, без фактури, без извештаи. Единствената „победа“ што ја запомнивме е тоа што го пречека рускиот министер Лавров, потег што и нанесе штета на меѓународната репутација на државата.

Како претседавач на ОБСЕ стана познат по тоа што застана на српска страна во спорот со Косово, и наместо да гради стратешко партнерство со Косово, организираше десетици средби и ручеци со српскиот државен врв, отворајќи го пазарот за српски капитал и сомнителни бизниси.

Како дел од Владата на ДУИ беше соучесник во дозволата за влез на МТЕЛ и српските казина во Македонија, од кои две лиценци завршија во рацете на компании со контроверзно српско и црногорско потекло.

Чаир не заслужува човек кој цела кариера ја помина далеку од проблемите на својата општина, кој се појавува само кога му треба поддршка, и кој зад себе остава само долгови, сомнежи и скандали.

Чаир ќе избере човек кој 20 години дише и живее со проблемите на оваа општина, кој ги решава проблемите на граѓаните, а не ги користи за лични договори и лични кариерни причини.

На 19 октомври, граѓаните на Чаир ќе му кажат јасно и гласно: Доста беше, Бујар! Доста абеше од твојот кариеризам!“, се наведува во соопштението на „Влен“.