Иако добил фер понуда за својата недвижнина, сопственикот одбил да се откаже од својот дом. Сега, веројатно, зажалил.
Освен што патот до куќата му е веќе сега исклучително отежнат, во иднина, кога првите автомобили ќе се појават на автопатот, животот во куќата ќе стане неподнослив. Имено, откако сопственикот на куќата, која се нашла на трасата на новиот автопат, не ја прифатил понудата за откуп, ќе мора да се соочи со многу непријатно опкружување.
Куќата сега е опколена со по две коловозни ленти од двете страни, а сопственикот Хуанг Пинг може да пристапи до неа само преку бетонска цевка што минува под патот. Тоа, најверојатно, е возможно само во суво време, бидејќи станува збор за одводен канал на автопатот. А сè започнало поради неговата одлука да не се откаже од куќата во замена за околу 200.000 евра и три замени недвижнини за преселба.
Пинг живее во куќата заедно со својот 11-годишен внук, но поради големата бучава од градежните машини, во домот престојува само ноќе. Не е изненадувачки што сега жали што одлучил да „се коцка“ уште малку, надевајќи се дека ќе добие подобра понуда.
„Кога би можел да го вратам времето, ќе се согласев на условите за уривање што ми ги понудија. Сега се чувствувам како да изгубив голем облог. Малку ми е жал“, изјави Пинг за магазинот „Metro“.
Во Кина, недвижнините како оваа се нарекуваат „nail house“ – куќи кои остануваат на своето место откако сопственикот ќе ја одбие понудата на кинеската влада за откуп во рамки на градежен проект. Во конкретниот случај, станува збор за делница од автопат северозападно од Шангај.