Луѓето ширум светот бараат начини да се справат со стресот, па затоа се свртуваат кон спорт, медитација, патување и апликации за дишење.
Сепак, во последните месеци, во Кина е забележан исклучително необичен, но популарен тренд – сè поголем број возрасни користат цуцла како средство за смирување.
И иако тоа изгледа како шега, овој феномен е многу реален – а продажбата на цуцли за возрасни брои илјадници нарачки месечно. На кинеските онлајн платформи, тие се нудат во широк спектар на варијанти и цени, а корисниците тврдат дека истите им помагаат да се опуштат, подобро да спијат, па дури и да функционираат помирно во текот на работниот ден.
Што всушност се крие зад оваа необична навика?
Регресија како психолошки механизам
Психолозите во Кина го објаснуваат овој тренд со терминот „регресија“ – одбранбен механизам што вклучува несвесно враќање во претходните фази од развојот кога лицето се чувствувало безбедно и заштитено.
Цуцлата, симбол на детството и безгрижноста, станува средство за утеха во моментите кога реалноста станува премногу тешка. Иако изгледа бизарно, илјадници корисници на социјалните мрежи сведочат за позитивните ефекти – од подобар сон до чувство на внатрешен мир при стресни ситуации на работа. Некои дури признале дека користењето цуцла станало дел од нивната секојдневна рутина.
Лекарите предупредуваат: Ова може да биде опасно
И покрај нејзината популарност, експертите предупредуваат на потенцијални здравствени ризици. Доктор Танг Цаомин од Универзитетот Сечуан нагласи дека оралната анатомија кај возрасните не е приспособена на континуирано цицање, што може да предизвика нарушувања на вилицата, болка, кликање и проблеми со отворањето на устата.
Исто така, постои ризик од иритација и оштетување на оралната слузница, бидејќи материјалите и дизајнот на цуцлата не се направени за потребите на возрасните.
И додека некои продавници се збогатија преку најновиот тренд, лекарите апелираат на претпазливост и потсетуваат дека постојат многу поздрави начини за справување со секојдневниот стрес.