Претприемачот Џони Палмер го претворил поранешниот авион на Пабло Ескобар во луксузен „Airbnb“, каде што ноќевањето чини од 300 до 900 евра по лице.
Овој Боинг 727 првично бил изграден во 1968 година, а бил претворен во приватен авион на почетокот од 1980-тите, кога бил во сопственост на колумбискиот крал на кокаин.
Пабло Ескобар се смета за најбогатиот криминалец во историјата, кој до моментот на неговата смрт на илегален начин собрал неверојатно богатство вредно околу 30 милијарди долари.
Затоа не изненадува што неговиот авион бил украсен со златни детали и кристал. Во меѓувреме, тој го сменил сопственикот и бил реставриран, но го задржал својот ретро изглед од 80-тите.
Оваа необична сместувачка единица сместена во трупот на авионот има две дневни соби, спална соба со брачен кревет, три тоалети, туш-кабина и целосно опремена кујна дизајнирана да смести максимум четири лица.
Надвор од авионот има палуба со џакузи, сауна и надворешен туш за уживање на отворено во потоплиот дел од годината. Исто така, важно е да се спомене дека целиот објект се напојува со обновлива енергија преку соларни панели.
Трупот на авионот е поставен на транспортни контејнери во индустриската зона Скајлајн Парк во Бристол, Обединето Кралство.
Доколку планирате да го изнајмите преку „Airbnb“, добро е да знаете дека овој простор е мирна оаза за време на викендот. Во текот на неделата, вашиот одмор би можел да биде нарушен од камионите за достава во соседниот двор.