Холандскиот фудбалски клуб Витезе дефинитивно остана без професионална лиценца, одлука што ја потврди и судот во Утрехт. Со тоа, вториот најстар професионален клуб во Холандија (постар е само Спарта Ротердам), по 133 години постоење, исчезнува од професионалната фудбалска сцена, пишува „nos.nl“. Судот пресуди дека комисијата за лиценцирање и Холандскиот фудбалски сојуз („KNVB“) правилно ги следеле сите прописи и дека донесената одлука била разумна.
Лиценцата е одземена бидејќи „KNVB“ смета дека клубот од Арнхем со години го заобиколувал и го поткопувал системот за лиценцирање. „На Витезе му беа давани шанса по шанса, но тој не ги искористи. Клубот не покажа подобрување“, изјави вчера во судницата адвокатот на „KNVB“.
Од Витезе се обидоа да го убедат судијата дека ја обезбедиле иднината на клубот. Имено, локални инвеститори собрани под името „De Sterkhouders“ ги презедоа сите акции од досегашните сопственици, а за финализација се чекаше само одобрение од комисијата за лиценцирање.
Судот се фокусираше на минатите прекршоци
Судијата ја објасни својата одлука: „Тоа што Витезе сега тврди дека може да ги исполни условите за лиценца не го поништува фактот дека во минатото биле прекршувани правилата. Судот го разгледуваше спорот поврзан со прекршоците извршени во минатото. Врз основа на тие прекршоци, комисијата на ’KNVB‘ донесе одлука за одземање на лиценцата, а судот сега пресудува дека Сојузот имал право да донесе таква одлука.“
Претседателот на судот ја нарече ситуацијата „особено жална“, но додаде: „Општествените интереси, со оглед на сериозноста и времетраењето на кршењето на системот за лиценцирање од страна на Витезе, не можат да ја поништат одлуката на жалбената комисија на ’KNVB‘.“
Крај на професионалниот фудбал по 133 години
Со оваа одлука завршува ерата на професионалниот фудбал за 133-годишниот клуб од Арнхем. Натпреварот од првата лига против Алмере Сити, закажан за сабота, ќе биде откажан.
„Што носи иднината за Витезе, во моментов е нејасно“, се вели во соопштението на клубот, по што следува: „Истражуваме секакви можности. Во меѓувреме, раководството на клубот останува во разговори со засегнатите страни за да се обезбеди опстанок на фудбалот во Арнхем.“
Познати и по соработката со Челзи
Во текот на својата историја, Витезе најчесто бил стабилен прволигаш, но никогаш не освоил титула во „Eredivisie“. Неговиот најголем успех дојде во 2017 година, кога Витезе за прв пат во историјата го освои „KNVB Cup“ (холандскиот куп), победувајќи го АЗ Алкмар со 2:0 во финалето.
Со тоа клубот обезбеди и историски прв настап во групната фаза на европско натпреварување – „Лига Европа“ 2017/18. Покрај тоа, Витезе редовно се пласираше во горниот дел од табелата во „Eredivisie“ и повеќе пати настапуваше во квалификациите за европските купови.
Клубот е познат и по долгогодишната соработка со англискиот Челзи, преку која многу млади играчи од Лондон доаѓаа на позајмица во Арнхем. Витезе низ историјата изгради репутација на стабилен клуб со силна младинска школа и модерен стадион „GelreDome“.