Ново научно истражување откри дека консумирањето преголеми количини помфрит во текот на една недела може да го зголеми ризикот од развој на дијабетес тип 2 за дури 20 проценти.
Но, она што може да ги загрижи многумина е токму препорачаната максимална количина помфрит – само три порции во седум дена.
Ајде да бидеме реални, ништо не може да се спореди со неодоливиот вкус на топол помфрит посипан со сол, штотуку изваден од фритеза. Сепак, треба да се знае дека тоа може да има сериозни последици по здравјето.
Имено, студија објавена во средата во престижното медицинско списание „The BMJ“ покажа дека лицата кои јадат помфрит три пати неделно имаат 20 проценти поголем ризик од развој на дијабетес тип 2. Ризикот е уште повисок кај оние кои консумираат компир пет пати неделно – дури 27 проценти.
Сепак, добра вест за љубителите на компирот е дека истиот ризик не е забележан при консумирање на варен, печен или пире од компир. Со други зборови, начинот на подготовка прави огромна разлика.
Меѓународен истражувачки тим, во кој учествувале и експерти од Универзитетот во Кембриџ, анализирал здравствени податоци од над 205.000 американски здравствени работници. Нивните прехранбени навики биле следени преку редовни анкети, а нивното здравје било надгледувано речиси четири децении. Во текот на тој долг период на следење, биле регистрирани околу 22.000 случаи на дијабетес тип 2.
„Ризиците поврзани со консумирањето компир варираат во зависност од начинот на подготовка“, напишале авторите на студијата. „Поврзаноста меѓу поголемиот внес на компир и зголемениот ризик од дијабетес тип 2 првенствено се должи на консумирањето помфрит.“
Интересно е што истражувачите откриле дека замена на три порции компир неделно со цели зрна може да го намали ризикот од дијабетес тип 2 за 8 проценти, пренесува „tportal“.