Делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, предводена од државниот секретар Елизабета Чуповска-Ристова и директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, денеска положија венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето на македонските бранителите, кои своите животи ги загубија кај месноста Карпалак во 2001 година.
Десеттемина прилепски бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, ги положија своите животи за зачувување на независноста, суверенитетот и на територијалниот интегритет на татковината.
Во спомен на бранителите на спомен-обележјето свежо цвеќе положија и делегации од Владата предводена од заменик-претседателот на Владата за политички систем, Љупчо Димовски, од кабинетот на претседателката и врховен командант на Армијата, претставници од семејствата на загинатите припадници на Армијата, од здруженија на граѓани и од политички партии.
Венци со свежо цвеќе ќе бидат положени и пред спомен-обележјето на македонските херои во центарот на Прилеп.