Вучиќ: Суштината на обоената револуција е Србија да биде најслаба во регионот, а јас да клекнам пред сите

Макфакс

08/08/2025

14:32

138

Големина на фонт

а а а

Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека „суштината на обоената револуција“ е дека Србија мора да биде послаба во споредба со сите во регионот, како и тој да биде „неспособен претседател кој би клекнал пред сите што не ѝ посакуваат добро на Србија“, пренесуваат медиумите во соседството.

„Тоа е суштината на обоената револуција. Србија мора да биде скромна и секогаш мора да биде послаба од Хрватска и од сите други во регионот за да можат да бидат задоволни“, рече Вучиќ во Палатата на Србија, одговарајќи на новинарско прашање.

Вучиќ рече дека денес не е случај Србија да е најслаба во регионот, иако е посиромашна од другите, туку дека од друга страна напредува побрзо од другите, „што никому не му одговара“.

„Тоа е една од причините зошто го прават тоа, бидејќи би сакале да имаат некомпетентен претседател кој би клекнал на колена пред сите оние кои не ѝ посакуваат добро на Србија“, рече Вучиќ.

Тој ги обвини луѓето, за кои тврди дека се „водачи на блокади“, дека ја мразат Србија и ѝ посакуваат најлошо на својата земја, наведувајќи дека поради нив, земјата е во тешка ситуација бидејќи „ја намалиле стапката на раст, го уништиле туризмот и многу економски гранки“.

„Дури и меѓу блокадите има такви кои ја сакаат Србија, но не можат да се одвојат од овие водачи – новинари, професори и политичари. Тоа е еден од проблемите“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.