Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави мерка која ги таргетира ранливите категории на население.
Преку јавен оглас што стапи во сила, Министерството, како што информираат од таму, започнува со распределба на енергетски ефикасни инвертер клима уреди за 2025 година, со што ќе се подобри квалитетот на живеење и ќе се намалат трошоците за енергија во илјадници македонски домови.
„Мерката се реализира согласно Програмата за изменување и дополнување на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година („Службен весник на РСМ“ бр. 161/25). Согласно јавниот оглас за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, со цел унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење, домаќинствата кои ги исполнуваат условите ќе се стекнат со право на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3.5 kW и енергетска класа од најмалку А+. Овие уреди не само што штедат електрична енергија, туку обезбедуваат и висока ефикасност за греење и ладење – токму таму каде што е најпотребно“.
Како што појаснуваат, рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавувањето на огласот во дневен весник.
Повеќе информации како и потребните обрасци за аплицирање се објавени на веб-страницата на Министерството: www.energy.gov.mk.