[ВИДЕО] Нурмагомедов го нападна еден од најдобрите боксери во историјата: „Одвратен е“

Точка

06/08/2025

19:46

842

Големина на фонт

а а а

Поранешниот шампион на „UFC“ во лесна категорија и еден од најдоминантните борци во историјата на ММА, Хабиб Нурмагомедов, жестоко го критикуваше Флојд Мејведер, нарекувајќи го „борец за пари“ и „нула“ во споредба со легендарниот Мухамед Али.

Гостувајќи минатиот викенд на муслимански собир во Њујорк, Нурмагомедов зборуваше за вредностите во спортот, разликите меѓу борците што се борат за пари и оние што се борат за инспирација, и не го поштеди Мејведер.

„Гледав интервју на тип чиј прекар е ’Money‘ (пари). Го платиле да одлета во Ерусалим, а тој зборува дека ја поддржува таа држава. Тој се бореше за пари. Јас се борев за наследство. Затоа што, ако ги инспирираш луѓето – тоа е вистинското наследство“, рече Нурмагомедов, алудирајќи на поддршката на Мејведер за Израел во бомбардирањето на Газа.

Нурмагомедов изјави дека никогаш не би направил нешто слично, бидејќи за него борбата не била прашање на богатство, туку на однесување и пораката што ја оставаш на луѓето.

„Знам дека му платиле. Летал со бизнис класа, рекол ’Еј, ја поддржувам вашата држава‘. Тоа е борец за пари. Имаш спортисти што се одлични во рингот, но како луѓе – нула. Внатрешно празни. Никој не сака ни да разговара со нив“, додаде рускиот ММА борец, кој од порано е познат по острите критики кон спортистите кои, според неговите зборови, „немаат духовна и човечка вредност“.

Во својот говор, Хабиб го пофали Мухамед Али, велејќи дека тој е „најголемиот спортист што чекорел по Земјата во последните сто години“.

„Али инспирирал милијарди луѓе, не само муслимани. Бил човек што стоел на страната на вистината. И затоа го паметиме. А овој другиот? Кога ќе умре, никој нема ни да го спомне. Ќе биде заборавен. Тоа е разликата меѓу борците за наследство и борците за пари“, заклучи Дагестанецот.

Нурмагомедов се повлече од ММА во 2020 година, со перфектен скор од 29-0 (8 нокаути, 11 предавања), по смртта на неговиот татко и тренер Абдулманап.

Во последните три борби ги победи легендите на „UFC“, Конор Мекгрегор, Дастин Поарие и Џастин Гејџи.

Ќе остане запаметен како шампион кој најдолго владеел со лесната категорија, од април 2018 до март 2021 година.

Го исполни ветувањето дадено на мајка му дека повеќе нема да влегува во октагонот и оттогаш се посвети на семејниот живот, верата и работата со млади борци.