Русинката Анастасија Самсонова поминала една недела во новиот ресорт Вонсан-Калма во Северна Кореја и опиша како изгледало тоа необично искуство.
Таа била дел од туристичка група составена од 15 Руси. Тие биле првите странски туристи во гореспоменатиот ресорт, кое Ким Џонг Ун го отвори минатиот месец.
„Не видовме ништо страшно таму, нема никаква опасност. Искрено зборувајќи, навистина нѝ се допадна“, изјави таа за Скај њуз.
Кога станува збор за меѓународни туристи, ресортот Вонсан-Калма во моментов е отворен само за Руси. Самсонова рече дека хотелот каде што престојувала бил многу убаво уреден.
На прашањето зошто го одбрала токму тоа место за одмор, таа одговорила дека ја интересирало како живеат луѓето во Северна Кореја.
„Имаше многу предрасуди за тоа што можеш, а што не можеш да правиш во Северна Кореја, како смееш да се однесуваш… Всушност се чувствувавме апсолутно слободни“, раскажа таа.
Русија и Северна Кореја градат поблиски врски по инвазијата на Кремљ врз Украина. Минатата година, севернокорејските трупи обезбедија воена поддршка во Курската област, а сега постои и економска соработка.
Севернокорејските производи, вклучувајќи јаболка и пиво, почнаа да се појавуваат на полиците во супермаркетите на далечниот исток на Русија. Исто така минатиот месец, за прв пат по неколку децении Москва воспостави директни летови до Пјонгјанг.
Ирина Кобелева, директорка на руската туристичка агенција „Восток Интур“, тврди дека месечно имаат околу 400 резервации за патувања во Северна Кореја.
„Нашите туристи се претежно постари луѓе кои сакаат да се вратат во Советскиот Сојуз, бидејќи сметаат дека Северна Кореја е многу слична на она што некогаш беше Советскиот Сојуз, но истовремено, расте и заинтересираноста на младите луѓе“, истакна таа.