Иранскиот главен град Техеран најверојатно е само на неколку недели од таканаречениот „нулти ден“, предупредуваат експертите – денот кога чешмите ќе пресушат во големи делови од градот, додека земјата се соочува со сериозна криза во снабдувањето со вода. Клучните резервоари се празни, некои од најдлабоките се сведени на плитки езерца, додека властите се борат да ја намалат потрошувачката на вода, а жителите очајно се обидуваат да ја зачуваат за да избегнат катастрофа.
„Доколку денес не донесеме итни одлуки, во иднина ќе се соочиме со проблем што нема да можеме да го решиме“, изјави иранскиот претседател Масуд Пезешкијан.
„Не е новост дека Иран складира вода поради сушата. Но, разликата сега е што оваа криза го погодува главниот град “, рече Кавех Мадани, директор на Институтот на Обединетите нации за вода, животна средина и здравје.
Техеран, каде што живеат околу 10 милиони луѓе, би можел целосно да остане без вода ако нивото на потрошувачка не се намали, стравуваат експертите.
Корените на кризата лежат во комбинација од неколку фактори, вклучувајќи, како што велат инженерите, децении лошо управување со водните ресурси и растечка нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката. Сето ова е дополнително влошено од климатската криза , пишува „CNN“.
Иран моментално поминува низ една од најлошите суши во својата историја – петта година по ред.
Земјата се соочува и со неподносливи топлотни бранови. Овој месец, температурите во некои делови од Иран достигнаа повеќе од 50 степени Целзиусови, според климатологот и историчар на метеоролошки податоци Максимилијан Херера. Според веб-страниците за временска прогноза, еден ден во јули се забележани нереални 65 степени, што го прави Иран едно од најжешките места на земјата. Од друга страна, има се помалку дождливи денови – за 40 проценти оваа година, ако се спореди со претходната.
„Како одговор на кризата, властите го намалија притисокот на водата во Техеран за речиси половина, што влијаеше на околу 80 проценти од домаќинствата“, изјави гувернерот на покраината Техеран, Мохамад Садек Мотамедијан.
Вода се доставува до главниот град на Иран со цистерни, а оние што можат да си ја дозволат набрзина инсталираат резервоари за складирање вода.
Минатата недела, владата прогласи неработен ден во Техеран и други делови од земјата за да заштеди вода и електрична енергија.
„Сега се разгледува можноста за неработна недела, со цел граѓаните да го напуштат градот и со тоа да ја намалат потрошувачката“, кажа портпаролката на владата Фатеме Мохаџерани.
Браната Амир Кабир е една од петте главни акумулации што го снабдуваат Техеран со вода. Нејзиното ниво на водата во акумулацијата падна на најниско ниво во историјата.
Експертите предупредуваат дека нема едноставно решение за оваа криза. Според Кавех Мадани, владата се одлучува за привремени, „фластериски“ мерки, како што се нови проекти за пренасочување на водните текови. Техничките решенија како што се десалинизацијата (отстранување на солта од морската вода) и рециклирањето на отпадните води мора да бидат дел од решението, додаде тој, но „тие решенија само привремено ги ублажуваат симптомите, без да ја решат основната причина“.
Тој се залага за целосна трансформација на економијата – транзиција од земјоделство кое троши огромни количини вода (која моментално сочинува околу 90 проценти од потрошувачката на вода во Иран) кон услужни дејности и индустрија кои имаат значително помал „воден отпечаток“.
Овој вид реформа, вели тој, би бил болен и скап – и економски и политички – и е многу малку веројатен под сегашната влада и со постојните санкции наметнати врз Иран од страна на Соединетите Американски Држави и други земји.
„Ќе има надеж да се избегне „нултиот ден“, доколку Техеран издржи до крајот на септември“, заклучи Мадани.