Шенон Шарп (56), коментатор и поранешен играч на американски фудбал, го напушти „ESPN“ откако постигна спогодба во тужба за сексуален напад. Заминувањето на Шарп од мрежата, каде што беше клучна фигура во емисијата „First Take“, се случи набрзо откако обвинувањата се најдоа на насловните страници. Неговото последно појавување на „ESPN“ беше во април.
Обвинувањата за напад и силување против поранешниот играч, кој е во Куќата на славните на „NFL“, ги поднесе 20-годишната креаторка на содржини Габриел Зунига, пишува „International Business Times“. Таа, која досега беше претставувана како „Jane Doe“ (израз што се користи во англискиот јазик за жена чиј идентитет е непознат или намерно се крие), тврдеше дека Шарп ја силувал неколку пати во 2024 и 2025 година. Поради тоа, бараше од него отштета од 50 милиони долари.
Која е Габриел Зунига?
Габриел Зунига е популарна на социјалните мрежи, со над 500.000 следбеници на „Instagram“ и успешен профил на „OnlyFans“. Нејзиниот идентитет во тужбата првично беше заштитен со псевдоним. Врската со Шарп наводно започнала во 2023 година, кога Зунига имала 19 години.
Во тужбата поднесена во Невада, нивната врска е опишана како насилна и присилна, со наводи за снимање без согласност и манипулација. Зунига тврди дека Шарп ја нападнал повеќе пати, а како еден од клучните инциденти го наведува настанот од септември 2024 година, кој, според неа, ненамерно бил пренесуван во живо на „Instagram“.
Обвинувања
Шарп остро ги негираше сите обвинувања. Неговиот правен тим тврди дека врската била целосно консензуална и ја обвинува Зунига за обид за изнуда. Неговиот адвокат, Лани Џ. Дејвис, изјави дека тужбата е „циничен обид да се изнудат милиони долари од господин Шарп“.
Од друга страна, адвокатот на Габриел Зунига, Тони Базби, познат по застапувањето на клиенти во случаи против јавни личности, тогаш изјави дека случајот е сериозен и дека оди на суд. Базби исто така објави аудио извадок во кој Шарп наводно ѝ се заканува на Зунига дека ќе ја задави.
Претходно се наведуваше дека во еден момент од нивната врска дошло до расправија за време на која оштетената забележала дека поранешниот спортист има огнено оружје во собата. „Таа се обиде да ја сподели својата локација со пријателките за секој случај, но Шарп го виде тоа. Штом сфати што прави, ја фати за врат и ѝ рече: ’Ако некогаш го направиш ова повторно, ќе те убијам‘“, стои во документите.
Во септември минатата година, таа се обидела да раскине со него, што наводно довело до силување. Се наведува дека Шарп во октомври за прв пат ја нападнал додека таа плачела. Потоа, во јануари оваа година, дошол во нејзината куќа под изговор дека ќе ѝ даде божиќен подарок и повторно ја силувал.
Кој е Шенон Шарп?
Шарп се приклучи на „ESPN“ во 2023 година по заминувањето од „Fox“ и брзо стана едно од заштитните лица на емисијата „First Take“. Во јуни, „ESPN“ ја поддржа неговата одлука привремено да се повлече додека ситуацијата не се реши. „Ова е сериозна ситуација и се согласуваме со одлуката на Шенон да се повлече“, соопшти тогаш мрежата.
Иако Шарп ги нарече обвинувањата „изнуда“, порано овој месец сепак постигна доверлива спогодба со Зунига. Кривични пријави не беа подигнати.
Пред кариерата пред камерите, Шарп беше многу успешен играч во „NFL“ и денес се смета за еден од најдобрите на позицијата што комбинира улоги на фаќач и блокер. Кариерата ја помина играјќи за „Denver Broncos“ и „Baltimore Ravens“.